Вовед во методика на класичен балет

BULLFROGS BALLET SCHOOL
  •  

     

    Датум: 24.03.2018

    Час: 10:00-12:00 и 13:00-15:00

    Локација: Bullfrogs Ballet School

    Предавач: Снежана Филиповска

    Времетраење: 2 часа по 60 минути

    Последен датум за аплицирање: 22.03.2018

    Методика на класичен балет е основна уметничка дисциплина која ги разработува и изучува методите за подготовка на идните балетски играчи. Педагошкиот процес ги усвојува и практично ги усовршува теоретските знаења од областа на класичната танцова система наталожени во текот на многувековниот историски развиток. Методолошкиот пристап обрнува внимание на изучување на секое движење од најпроста кон најсложена форма и правилно составување на танцовите комбинации. Теоретските знаења се неопходни за цврста, визуелно-естетска примена во практиката на балетските играчи.

    Целта на ова предавање е да го надополни практичното знаење на учениците од областа на класичен балет, со теоретско знаење. Учениците преку ваков вид предавање ќе се здобијат со информации кои се комплементарни на редовните часови по класичен балет и ќе се оспособат за активно и внимателно следење на предавања во нивната понатамошна едукација. Акцент се става на тоа ученикот да го развива чувството за балетска изразност и да стекнува практични умеења со примена на усвоените знаења.

    Првиот дел на предавањето опфаќа претставување на предавачот и воведување во методиката на изучување на елементарните танцови движења. Вториот дел се состои од практична работа, каде предавачот ќе посвети големо внимание на правилно поставување на рацете и нозете при изведување на вежбите на балетската палка. Воедно предавачот ќе работи со учениците на методика на изучување на елементарни навики на координирано движење, каде ќе биде објаснета функцијата и работата на отпорната и работната нога. Во овој дел ќе се посвети посебно внимание од причина што учениците треба да го почувствуваат своето тело во правилната позиција. Во третиот дел учесниците ќе имаат можност да започнат меѓусебна дискусија и да поставуваат прашања на предавачот.

    Учество во предавањето чини 450,00 денари со вклучен ДДВ. 

    10:00 – 12:00 часот – за учесници на возраст од 10 до 14 години со минимум 3 годишно балетско искуство 
    13:00 – 15:00 часот – за учесници на возраст од 15 до 18 години со минимум 6 годишно балетско искуство

    Максимален број на учесници во една група е 15. Поради ограничениот број на места, предност ќе имаат оние кои први ќе аплицираат.

    По Вашата апликација ќе добиете повратен е-mail за начинот на плаќање и потврда за Вашето аплицирање .

    Снежана Филиповска е доктор по балетска педагогија, како и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност- отсек балетска педагогија. Воедно таа е стручен соработник на Bullfrogs Ballet School.