Годишен испит

BULLFROGS BALLET SCHOOL
  • Датум: 14.05.2018 – 18.05.2018

    Локација: Bullfrogs Ballet School

    Комисија: Снежана Филиповска, Ѓургица Јовановска

    Времетраење: 5 дена

    Bullfrogs Ballet School во својата годишна програма предвидува годишен испит на крајот на учебната година, преку кој се оценува годишното работење на учениците и на професорите. Тестирањето се одвива во период од 5 дена, каде има одредено посебен термин за секое ниво.

    Целта на овој годишен испит е да изгради систем за евалуација кој ќе ги зајакне вештините на учениците, како и техниката на предавање на педагозите. На тој начин ќе го подобри квалитетот на балетското образование кое го нуди Bullfrogs Ballet School.

    Сметаме дека ова годишно тестирање ќе ги поттикне учениците на дисциплинирано следење на наставата во текот на целата година. Воедно ќе ги подготви учениците на изведување на вежбите под „притисок“ на надворешни членови, како и меѓусебна компетитивност, но и себенадминување.

    Испитот се состои од изведување на вежбите од годишната наставна програма по класичен балет, по која децата го учат материјалот во текот на целата година. Комисијата ги оценува сите ученици, по критериум на техничка спремност, степенот на совладување на поедноставни и посложени танцови движења, музикалност, ритмичност, концентрација. Паралелно се оценува и работата на помладите и новите професори по однос на нивната посветеност, концентрација, трпеливост, внимателност и умешност за пренесување на сопственото знаење. На крај учениците и професорите добиваат оцени и сугестии за подобрување на техниката и се одредува степенот на развој на секој ученик одделно.

    Овој годишен испит е задолжителен за сите ученици на Bullfrogs Ballet School и не е потребно аплицирање за истиот.

    Снежана Филиповска е доктор по балетска педагогија, како и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност- отсек балетска педагогија. Воедно таа е стручен соработник на Bullfrogs Ballet School.

    Ѓургица Јовановска својата балетска кариера ја започнува како балетски играч. Подоцна станува професор по класичен балет во средното балетско училиште Илија Николовски Луј. Се смета за еден од поквалитетните посветени професори кои образувале ученици кои подоцна во својата кариера се стекнале со титулата првенци или солисти од прв ред. Во моментот работи како балетски критичар и е автор на неколку книги за балетската уметност во Македонија.