• Фестивалот “With Love for Dance” традиционално, се одржува секоја втора година од 1 до 4 јуни, а 5 јуни е резервиран за Гала вечер, каде се прикажуваат најуспешните кореографии и изведби, селектирани од стручна комисија. Во текот на фестивалот се одржуваат и отворени дискусии за кореографите и младите балетски учесници, каде што се дискутираат различни теми поврзани со класичниот балет.
    Организиран на високо професионално ниво, фестивалот изобилува со креативна и забавна атмосфера, каде им се дава шанса на младите балетски уметници да ги прикажат своите таленти. Петте млади балетски уметници, под водство на кореографката Александра Никифоровски на фестивалот ќе ја претстават Македонија со една групна танцова изведба и соло и дует варијации.
    Групна изведба на балетот„Одблесок“ поставен од Александра Никифоровски според кореографија на Олга Милосавлева, на музика од реномираниот македонски композитор Љубомир Бранѓолица, ќе го афирмира македонскиот фолклор, осовременувајќи го македонскиот фолклорен танц со современ кореографски мотив, на карактеристичните музички ноти на Бранѓолица.

    Македонските балетски уметници ќе се претстават со еден кореографски дует, како и три соло варијации, извадоци од балетите „Сон на летната ноќ“ и „Танцот на кадетите“, во кореографија на Александра Никифоровски, во продукција на ББП:

    – „Балетски натпревар“ (Танцот на кадетите), дует;
    – „Танцот на Матурантката“ (Танцот на кадетите), соло варијација;
    – „Силфида” (Танцот на кадетите), соло варијација;
    – „Вилата на Оберон“ (Сон на летната ноќ), соло варијација

    Во текот на 5-дневната програма младите балетски уметници ќе ја делат сцената со бројни учесници од многу Европски земји, а кореографите ќе имаат можност да се запознаат и да разменат искуства со други кореографи од Европа, иницирајќи потенцијални меѓународни соработки.

    ББП беше учесник на фестивалот “With Love for Dance” во 2017 година, каде балерините на ББП се претставија со три парчиња во кореографија на Александра Никифоровски и тоа:

    1. Дует од балетот „Тарантела“
    2. Соло варијација од балетот „Жизел“ (Чин I),
    3. Соло варијација од балетот „Жизел“ (Селско падеде)

    Дуетот „Тарантела“ беше одбран како дел од најуспешните и најдобро изведени кореографски парчиња на фестивалот и повторно изведен во рамки на Гала вечерта.

    Меѓународниот балетски фестивал за деца “With Love for Dance” за прв пат се одржува во 1999 година во Пловдив, кој е прогласен за Европска престолнина на културата за 2019 година. Станува збор за уникатен настан во балетската уметност, бидејќи е еден од ретките кој фокусот го става на балет за деца и млади до 18 години, успевајќи да собере учесници од цела Европа. Во организација на Балетското училиште Буратино, фестивалот е финансиски поддржан од Општина Пловдив и бројни спонзори. Фестивалот поставува нови стандарди во развојот на балетот за деца и млади, откривајќи нови и афирмирајќи постоечки таленти, не само кај младите уметници туку и кај кореографите. Дополнителна вредност кај овој фестивал е што го е наменет ислкучиво за класичен балет, реафирмирајќи го како основа за секоја друга танцова уметност.

    http://ballet-fest-plovdiv.com/en/