-
Датум: 03.11.2018
Час: 10:00-13:00
Локација: Културно информативен центар, Салон 19:19
Предавач: Билјана Петровска
Времетраење: 3 часа по 60 минути
Последен датум за аплицирање: 19.10.2018
Музиката има најголемо влијание врз процесот на учење, логично размислување и организациските способности кај децата. Изучувајќи ја музиката и музичките дела кои имаат комплексни структури, се развиваат сетилата за слух, се зајакнува координацијата на движењата, чувството за ритам, концентрација и меморијата.
Целта на оваа предавање да ја доближи музиката до учесниците и да ја истакне нејзината неопходна поврзаност со танцот. Во една неформална средина и пријатна работна атмосфера, учесниците ќе имаат можност да слушнат и научат нешто ново, што е тесно поврзано со редовната настава по класичен балет.
Првиот делсе состои од вовед во тоа што е музика, што е танц и како се тие поврзани. Потоа ќе опфати краток осврт за почетоците на музиката и танцот, првите организирани танцови форми, почетоците на развој на класичниот балет како најстара танцова техника на која се темелат останатите танцови стилови. Потоа се ќе се објасни понатамошниот развој на балетот се до денес и музиката како негова основа.
Во вториот дел, предавањето продолжува со објаснување како треба да ја слушаме и разбираме музиката за да може полесно да се изведуваат класичните танци и балетските точки. Се нагласува неопходноста од разбирање на ритамот во музиката за да се синхронизира танцот и движењата на телото со музиката.
Во третиот дел се изведуваат примери од балетската литература со различен метар и ритам на пијано, кои соодветствуваат на различни балетски чекори. На крај музичкиот педагог ќе свири кратки сегменти од балетска литература со различни метарски поделби кои учесниците ќе треба да ги препознаат.
Учество во предавањето чини 200,00 денари.
Предавањето е наменето за деца и млади на возраст од 7 до 15 години.
Максимален број на учесници во една група е 100. Поради ограничениот број на места, предност ќе имаат оние кои први ќе аплицираат.
По Вашата апликација ќе добиете повратен е-mail за начинот на плаќање и потврда за Вашето аплицирање .
Билјана Петровска дипломира и магистрира интерпретација на пијано на Факултетот за музичка уметност. Покрај соло настапите, своето интерпретациско творештво го продолжува со дуо настапи, а подоцна и со камерни состави на трио ВивАрт и квартетот Анимус. Моментално таа е редовен професор по пијано и пијано придружба во ДМБУЦ Илија Николовски Луј. Како професор по пијано има големи успеси со своите ученици кои освоиле голем број на награди. Билјана е и хонорарен соработник на Факултетот за музичка уметност.