• Програма на летна балетска школа

    Времетраење: 2 смени по 8 дена

    I смена:   16.06.2024 – 23.06.2024

    II смена:  23.06.2024 – 30.06.2024

    Оваа година краен рок за аплицирање во сите нивоа од летните школи е 01 мај.

    Секоја година Bullfrogs Ballet реализира три интернационални летни балетски школи наменети за деца и млади балетски уметници во Охрид, Македонија.

    Летните балетски школи се под водство на уметничкиот директор, додека секоја година се поканети различни педагози за реализирање на програмата.

    Програмате е поделена на 3 целини:

    • Едукативен дел, кој опфаќа часови по класичен балет, техника на балетски развој, современ танц, часови за подобрување на флексибилноста, кондициони тренинзи, работилници на тема балет, работилници по драмска уметност, предавања за прва помош и заштите, читање книги.
    • Креативен дел, кој опфаќа креативни работилници за потикнување на учениците да се изразуваат преку различни ликовни и уметнички техники.
    • Рекреативен дел: – време за дружење и неформални активности. Минатите години рекреативниот дел се состоеше од прошетки низ градот, посета на значајни места, но и денови предвидени за плажа, но оваа година рекреативиот дел ќе го реализираме на поинаков начин или повеќе стационирани во дворот на сместувањето.

    Целта на овие балетски школи е за време на летниот период да не се наруши континуитетот на целогодишното вежбање на учениците, но и меѓусебно дружење и запознавање.

    Од минатата година имаат право да аплицираат и учесници од различни спортски категории (кои не вежбаат балет), ученици кои за прв пат ќе се соочат со спортски активности, кои ќе можат да ја следат програмата во поголемиот дел од активностите.

    До сега се реализирани 30 летни балетски школи со вкупна посетеност од 530 учесници.

    Програмата за летната школа е адаптирана според возраста и знаењето на учениците. Часовите се дизајнирани да ги предизвикаат учениците да ги развиваат нивната музикалност, артистичко изразување и балетските еполмани, како и да го издигнат своето ниво на танцување повисоко. Се работи на дополнително зајакнување на корпусот, нозете и стапалата, на посветеноста и уметничкиот интегритет на учениците. Во зависност од возраста и балетското искуство, часовите вклучуваат различно ниво на комплексност на комбинации на вежби и движења, а се воведуваат и основни вежби на шпиц патики во рамките на часовите по класичен балет (за оние ученици кои се спремни за тоа).

    КЛАСИЧЕН БАЛЕТ
    Часовите по класичен балет на летните школи се фокусирани на правилно поставување на телото на учениците за понатамошни нивоа. Се раотат различни техники, од Floor Barre – која е исклучително важна за зајакнување на абдоминалните и грбните мускули, вежби на балетска палка и вежбите кои се работат во средина на салата. Вежбите за креативно движење, танцување и координација служат како
    основа за понатамошнен физички и когнитивен развој на учениците. Се изучуваат и конкретни балетски парчиња и кратки кореографии.

    ТЕХНИКА ЗА БАЛЕТСКИ РАЗВОЈ (ПБТ)
    ПБТ е иновативна програма која им овозможува на учениците да ја разберат важноста и суштината на мускулната меморија, за постигнување на лични успеси во класичниот балет. Самата техника предвидува работење со топки,кои поради нивната мобилна природа ги тераат учениците да се фокусираат на одржување на баланс, но и на правилно поставување на телото, развивајќи мускулна меморија за класичните балетски вежби. Техниката вклучува и корективни вежби за искривувања во грбот и нозете.

    ФЛЕКСИБИЛНОСТ
    Часовите за растегнување се дизајнирани да ја подобрат флексибилноста на учениците но и да ја зајакнат нивната мускулатура, за полесно изведување на вежбите во класичниот балет и другите танцови форми. Часовите за флексибилност се прилагодени соодветно на возраста и физичката спремност на учениците и опфаќаат:
    – Вежби за загревање на мускулите и подготвување на телото за истегнување,
    – Вежби за подобрување на флексибилноста (вежби за активно и пасивно истегнување, динамичко истегнување и PNF истегнување),
    – Вежби кои ќе помогнат во одржување на силата во раце која е потребна при изведувањето на вежбите во Aerial stretching,
    – Вежби за релаксација.

    КОНДИЦИОНИ ТРЕНИНЗИ
    Врската меѓу стресот и повредата е докажана во многу истражувања, а танцувањето несомнено е стресна активност. Како и секој друг спорт, тоа бара напорно вежбање и кондиција за да се издржи највисокото ниво на физичка изведба. Важноста на кондицијата придонесува за намалување на повредите кои настануваат поради умор. Иако, пробите и настапите траат само краток период, и токму затоа се активности кои не вклучуваат многу кардио- вежби, треба да имаме кардио тренинг за да го подобриме нашето кардиореспираторно здравје кое пак ја подобрува циркулацијата и доводот на кислород во клетките.

    AERIAL STRETCHING
    Aerial stretching е техника за подобрување на флексибилноста преку вежби изведени во воздух со помош на специјализирано платно. Aerial stretching може да биде составен дел од повеќе воздушни акробатски дисциплини и уметности кои се изведуваат на платно (aerial dance, aerial yoga, aerial sling, aerial silks и сл). Покрај подобрувење на флексибилноста, оваа техника овозможува подобрување и на целокупната физичка и ментална состојба низ забава и чуство на лебдење во воздух. Часовите овозможуваат магично и возбудливо изведување на вежби за истегнување во една несекојдневна „безтежинска состојба”. Ваквиот начин на работа овозможува учениците да не забележат замор од физичката активност или болка при истегнувањето, a воедно се релаксираат. Убавината на оваа техника на платно е тоа што платно претставува личен партнер за вежбање, при што прифаќа половина од тежината на телото и прави голем дел од вежбите да бидат полесни отколку кога би се извадувале без платно.

    АНАТОМИЈА НА БАЛЕТКОТО ТЕЛО
    Предавањата за основи на балетска анатамија ги воведовме минатата година и забележавме особен интерес од страна на учесниците.
    Преку теоретско изучување на основите на анатомијата, тие го запознаваат своето тело. Изучувањето на основи на балетка анатомија им помага полесно да ги лоцираат правилните групи на муслули во конкретните вежби, што е од исклучителна важност за правилно развивање на телото за време на практичните часови.

    ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕД
    Возењето велосипед е една од физичките активности со која сакаме да придонесме кон подобрување на физичката кондиција здравјето на срцето, поздрави зглобови, обликување и затегнување на мускулите, развивање на навика кај децата за користење на велосипед како превозно средство за заштита на животната средина од загадување, баланс и координација, како и подобрување на менталното здравје.

    АКТЕРСКА ИГРА
    Целта на оваа програмата е балетските играчи преку изучување на вежбите од актерска игра, да се здобијат со креативност, да ја развијат својата фантазија, експресивност, свест за себе и партнерите, да постигнат јасна емотивна изразност и создавање на визуелно јасни и чисти слики. Преку актерски етиди во кои претежно се користи телото како инструмент за пренесување на информација, карактер, содржина, односи со партнери и емоции, да се дојде до создавање на најсоодветни надворешни облици на израз. Преку различни вежби, актерската игра помага во развивање, усовршување и дооформувањето на еден балетски уметник. Програмата за актерска игра се состои од теоретско предавање за актерска игра, каде ќе бидат објаснети суштинските карактеристики и како таа е тесно поврзана со балетската уметност. Исто така во овие часови ќе се воведуваат вежби за изучување на одредени техники за пренесување на емоции, карактер, содржина и дејство, развивање на фантазија и работа со партнер.

    КРЕАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ
    Покрај едукативниот дел се оджуваат и креативни работилници кои ги потикнуваат учениците да се изразуваат преку различни ликовни и уметнички техники.

    СЛОБОДНИ АКТИВНОСТИ ЗА ЗАБАВА И УЖИВАЊЕ
    – Слушање музика
    – Читање книги
    – Пливање во базен
    – Пешачење
    – Скокање на трамболина
    – Играгање друштвени игри
    – Проекции на филмови и претстави.