• Театарската претстава „Check in: Пред зграда“ го обработува влијанието на социјалните мрежи врз способноста за игра, креативност, комуникација, физичка активност и психички развој кај децата. Наменета е за деца и се очекува од нив да го разберат лошото влијание врз нивниот развој од прекумерното користење на социјални мрежи и телекомуникациски апарати.
    Несомнено, претставата обработувајќи ги овие теми е актуелна за сите возрасти.
    Преку ликовите на Мики, Маре, Боки и Емче е раскажана една приказна за три другарчиња кои воопшто не користат телекомуникациски апарати и социјални мрежи, кои постојано си играат пред зграда, се дружат и го шират кругот на пријатели, наспроти едно девојче кое постојано гледа во мобилниот телефон, кое е зависно од социјалните мрежи и тешко воспоставува комуникација со околината надвор од социјалните мрежи.
    Целта на претставата е преку театарски јазик, близок и разбирлив на децата да го согледаат влијанието од постојано користење на социјални медиуми и телекомуникациски апарати и да се постигне поттикнување на самоконтрола кај децата во користењето на социјални мрежи, поттикнување и развивање на социјална интелигенција, препознавање на лошите ефекти од постојаното користење на социјални мрежи, запознавање со детски игри и посветување на вистинските животни вредности.

    Претставата е поддржана од Општина центар и Министерство за култура. Во 2018 година е одиграна во 6 основни училишта, 4 градинки во Скопје и Штип и 2 изведби во Дом на култура 25 мај – Валандово и Дом на култура Бранд Петрушев – Богданци со вкупна посетеност од околу 2 600 гледачи.

    Продуцент: Александра Никифоровски
    Режија: колективна

    Aктери:

    Мики Анчевски

    По завршеното средно образование во Д.С.У. „Владо Тасевски“ се запишува на Факултетот за Драмски Уметности, отсек: Драмски Актер, во класата на проф. Кирил Ристески и асс. Зоја Бузалковска. Дипломира во 2006 год. со претставата „Ништо без Трифолио“.
    Од 2006 до 2012 работи на неколку театарски претстави во Македонски Народен Театар и Драмски Театар: „Јонадаб“, „Македонски Рулет“, „Марат Саде“, „Сон на Летната Ноќ“. Дел од филмот „Балканот не е мртов“, во режија на Александар Поповски
    До 2012 година работи и на телевизиски серии и реклами, радио реклами и надсинхронизација на играни и анимирани серии.
    Од 4ти Април 2012 година е во редовен работен однос во Театарот за Деца и Младинци, во Скопје, како Актер.
    Од тој момент е дел од речиси сите театарски претстави кои се работат во матичниот театар: „Цветната Улица“, „Грдото пајче“, „Пипи долгиот чорап“, „Декамерон“, „Волшебникот од Оз“, „Бескрајни сништа“, „Рекламна бајка“, „Оливер Твист“, „Сонот на Вилијам“ итн…
    Со многу од овие претстави се освоени награди за колективна игра, како и гран при за „Волшебникот од Оз“ на фестивалот во Бања Лука и гран при за „Нашиот клас“ на Јоаким фест.

    Марија Ѓорѓијовска

    Родена во Скопје. Во 2009 година дипломира при НАТФИЗ – Крсто Сарафов, актерство за куклен театар, во Р. Бугарија, во класата на проф. Боњо Лунгов, доц. Маја Енчева и д-р. Константин Каракостов.
    Дипломира со четири дипломски претстави: „Приказно оро“, „Железното момче“, „Мрзливата пчела“ и „Балкански приказни“.
    По завршувањето на високото образование професионално е ангажирана во Театар за деца и младинци – Скопје, Р. Македонија.
    Од своето вработување во Театарот за деца и младинци учествува скоро во сите претстави: „Сон на летната ноќ“, „Бескрајни соништа“, „Алиса во земјата на чудата“, „Рекламна Бајка“, „Волшебникот од Оз“, „Пипи Долгиот Чорап“, „Грдото пајче“, „Мачорот во чизми“ итн…
    Во својата актерска кариера има и ангажмани во Македонски народни приказни, телевизиски серии, надсинхронизација на сериски и анимирани филмови, а од 2009 година е и асистент на м-р Магдалена Ризова – Черних при детско драмско студио.

    Емра Куртишова

    Родена на 30.12.1985год. во Скопје. Во 2009 година дипломира на Факултетот за Драмски Уметности – Скопје, во класата на проф. Владимир Милчин и асс.Сузана Киранџиска. Дипломира со претставата “Вртелешка” од Артур Шницлер во улога на Слатката девојка. За време на студирањето дел е од значајни работилници за размена на искуства во три фази – Македонија, Германија и Франција предводени од проф. Владимир Милчин.
    Пред вработувањето во Театар за Деца и Младинци, во Скопје има значајни улоги во претставата “Лили” во режија на Софија Ристевска, претставата “Исти на различен начин” во режија на Наташа Поплавска и претставата за деца “Волшебникот од Оз” во режија на Нина Николиќ.
    Од телевизиски и радио проекти е дел од едукативна емисија “Зборувајте Македонски” на МТВ во режија на Владо Денчов, радио драми на македонско радио, по сценарио на Владо Димовски, Македонски народни приказни на Сител ТВ, во режија на Драган Вељановски, Скопје ремикс – филм “Мангава диско панк”, детски игран филм “Духот на баба Илонка” во улога на младата Илонка, документарен филм “Иднината денес” во режија на Игор Иванов, руски сериски филм “Кум” во режија на Тимур Алпатов итн…
    Во 2012та година се вработува во Театар за Деца и Младинци каде во моментов ги игра следните претстави: „Цветната улица“ во улога на принцезата Флора, „Грдото пајче“ во главната улога, „Пипи долгиот чорап”во улога на Аника, „Рекламна бајка“ во улога на вештерката Камиша и др.

    Бојан Лазаров

    Бојан Лазаров е роден на 29.04.1991 година во Штип. Во 2009 година го завршува своето средно образование во ДМУЦ„Сергеј Михајлов“ во Штип, инструментален отсек – пијано.
    Од 2009 до 2013 е редовен студент на одделот за Драмски актери на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на Професор Владимир Милчин. За време на студиите е дел од повеќе работилници во Македонија, Германија, Франција, Италија, Русија…
    Дипломира со дипломската претставата „Прогонот и убиството на Жан-Пол Мара во изведба на трупата на дипломците“, со просек 9.59 и се здобива со стручно звање Дипломиран актер.
    Пројавува посебен интерес во областа на сценските движења и танци, па како помагател во настава по предметот Сценски движења и танци на Факултетот за драмски уметности, активно се вклучува во учебната 2014/15 година. Како актер кој покажува особен талент во движењето на сцена и танците, тој е повикан од приватното балетско училиште „Bullfrogs Ballet School“ да биде дел од неколку претстави, а потоа и како инструктор по глума во истото.
    Во декември 2016 успешно го брани магистерскиот труд, под менторство на Професор Кренаре Невзати – Кери, со наслов „Улогата на предметот Сценски движења и танци на патот кон телесна артикулација на идните актери“ и од 2017 година е Доцент по предметот Сценски движења и танци на Факултетот за Драмски Уметности.
    Во својата кариера е дел од повеќе театарски и танцови проекти, како актер, режисер и кореограф, меѓу кои: „А што потоа?“, „Ени“, „Соочување“, „Библијата“, „Мои песни, мои сништа“, „Сонот на Вилијам“, „Ивица, Марица и Летечкото прасе“, „Систем ерор“, „Шах-мат љубов моја“ итн.